Автор: Папалазоски Михајло, Финки
Тема: Површински притисок
Дали знаеш зошто некои инсекти можат да одат врз површината на водата? На пример комарците никогаш не потонуваат во водата, туку тие можат да стојат на неа како да е таа цврста површина. Во овој експеримент ќе научиме дека и биберот може да лебди на површината на водата, ама ќе видиме и како можеме да го потонеме!
Најпрво се прашуваме зошто биберот лебди? Зошто тој не потонува или се раствора во водата? Биберот, исто како нозете на комарецот, е хидрофобичен, односно не привлекува вода. Поради тоа, тој не може да се намокри, ниту да се раствори во водата. Но, зошто биберот лебди на површината на водата? Ова едноставно го сфаќаме ако си замислиме дека молекулите на водата се привлекуваат едни со други. Привлечната сила прави молекулите на водата да се држат заедно и да не пуштаат така лесно површината на водата да биде пробиена. Ова се вика површински напон. Бидејќи биберот е толку многу лесен, неговата тежина не е доволна за да ја пробие површината на водата, затоа тој лебди.
Следното прашање што сакаме да го одговориме е зошто биберот се движи кон надворешноста на чинијата кога детергентот за миење садови ја допира водата? Детергентот го нарушува површинскиот напон на водата- тоа е дел од она што го прави добар во миење садови. Додека детергентот се движи во водата тој го намалува површинскиот напон, па затоа и мал дел биберот потонува. Но, молекулите на водата сè уште сакаат да останат заедно и да го задржат површинскиот напон, така што тие бегаат од детегентот и со себе го носат и биберот кон надворешноста на чинијата.
Дали мислиш дека детергентот е единствената супстанца што може да го наруши површинскиот напон на водата? Обиди се да го направиш истиот експеримент со други течности, на пример маслиново масло или паста за заби. Дали мислиш дека биберот ќе реагира на ист начин? Ако сакаш да видиш уште еден сличен, ама поразнобоен наш експеримент погледни oвде.
Сподели