Синдроми на опрашување

И растенијата и опрашувачите може да бидат пребирливи!

Најшарениот и највпечатлив дел од цветот го чинат венечните ливчиња и се нарекува корола. Растенијата имаат разновидни короли со различна боја, форма и големина.

Тоа што цветовите се толку разноврсни не е случајност. Королите привлекуваат опрашувачи - тоа се животни кои се хранат од цветот. Опрашувачите јадат полен и нектар што ги произведува цветот, а за возврат го пренесуваат цветниот полен, со што помагаат во опрашувањето и оплодувањето на растенијата.

Королите се нешто како пакување на храна. Доколку пакувањето не е привлечно, нема да сакате да го отворите за да видите каква е храната внатре. Цветното пакување е битно за опрашувачите, кои исто како и луѓето, сакаат различни видови на храна. На некои опрашувачи омилено јадење им е нектар што содржи многу шеќер и им дава многу енергија, додека на некои им е поубаво да јадат полен што не е толку хранлив, но го има во поголемо изобилство.

Сега можеби си помисливте - па зошто сите растенија не произведуваат нектар за да привлечат што е можно повеќе опрашувачи? Ова не е е добра стратегија од неколку причини. Прво, производството на нектар бара многу енергија од растението, што му е исто потребна за да произведува нови листови, цветни ливчиња, семе и плодови. Второ, ако има премногу нектар во еден цвет, опрашувачите наместо да одат од цвет на цвет ќе се најадат од првиот цвет па ќе одат да одпочинат и нема да го разнесуваат поленот. Трето, доколку сите видови на растенија нудат ист вид на храна, тогаш опрашувачите наместо да бараат одреден вид на цветови, ќе посетуваат цветови од разни видови еден по друг. Ова е проблематично за растенијата затоа што за да бидат успешно оплодени, треба да се опрашени од полен што доаѓа од истиот вид на растение.

Затоа растенијата еволуирале за да привлекуваат разни видови на опрашувачи. Некои растенија нудат понепривлечна храна, како што е поленот, но во големи изобилства, и така привлекуваат понепребирливи опрашувачи, особено кога нема подобра понуда на “цветниот пазар”. А некои растенија нудат многу вкусна храна, како што е нектарот, но тој е скриен длабоко во цветот и е достапен само за одредени видови на опрашувачи, кои исто така се адаптирале за ефикасно опрашување на овие растенија.

Ајде да видиме како формата на цветот е адаптирана за да привлече одредени видови на опрашувачи.

Материјали

  1. Мали хартиени чинии
  2. Хартија во боја (или боички)
  3. Цврста хартиена чашка
  4. Црвен пипер
  5. Декорирана жица
  6. Хартиена сламка
  7. Пластелин
  8. Мали тетрапак сокчиња со сламка
  9. Ножици
  10. Лепило

Направете цветови


За издолжениот цвет:

1. Нацртајте круг колку чашката на средината од една чинија.

2. Исечете мали јазичиња во кругот и 3 свиткајте ги на надвор.

3. Внимателно вметнете ја чашката во центарот на исечениот круг и залепете ги јазичињата за неа. Украсете го цветот.

4. Откако лепилото ќе се исуши, направете мал отвор на дното на чашката низ кој ќе ја протнете сламката од сокчето, и потоа прицврстете го целот цвет врз кутивчето со сок.


Сега имате цвет со издолжена корола кој на опрашувачите им нуди сладок нектар!


За отворениот цвет:

1. Декорирајте ја другата чинија во форма на цвет.

2. Направете мал отвор на средината на чинијата преку кој што ќе ја протнете сламката.

3. Прицврстете го цветот врз кутивчето од сокот. Сега имате и рамен цвет кој произведува нектар!


Направете опрашувачи

За пчела:

1. Протнете околу 3-4 cm од жолтата декорирана жица на една страна од сламката.

2. Замотајте ја жолтата жица 3-4 пати околу сламката.

3. Прицврстете ја црната жица за жолтата.

4. Продолжете да ги мотате двете жици наизменично околу сламката за да го направите телото на пчелата.

5. Направете ѝ 6 нозе на пчелата со тоа што ќе замотате 3 парчња жица.

6. Направете ѝ крилца на пчелата.


Направете пеперутка

1. Направете мало топче од пластелин и прицврстете го на едниот крај од сламката.

2. Отсечете околу 8cm од декорираната жица и протнете го едниот крај низ топчето. Замотајте го другиот крај.

3. Додајте ѝ 6 нозе на пеперутката.

4. Направете ѝ крилца на пеперутката.

Опрашување

Додајте полен (црвен пипер) на цветовите.


1. Нека слета пчелата на отворениот цвет. Дали пчелата може да се напие од нектарот преку сламката? Погледнете ја пчелата одоздола - дали има полен на нозете? Што ќе се случи со поленот доколку пчелата слета на друг цвет од истиот вид на растение?

2. Сега пробајте со пеперутката. Дали пеперутката може во исто време да стои на цветот и да пие од нектарот доколку и е сурличката исправена? Дали има полен на нозете? А што ако сурличката на пепрутката е свиткана за да ја достигне сламката?


3. Пробајте го истото и со издолжениот цвет. Дали пчелата може да слета на цветот? Дали може лесно да стигне до нектарот? Дали има полен на нозете?

4. А пеперутката - дали може да си одпочива на цветот и да пие од нектарот без никаков напор? Дали има залепено полен на нозете?


Што се случува

Цветовите со отворена, голема корола се лесно достапни за сите опрашувачи. Овие цветови обично нудат храна која не е толку вкусна и хранлива, но за возврат не бараат многу внимание од опрашувачите. Пчелите и бумбарите, кои немаат никакви специјални органи за хранење, редовно се хранат од вакви цветови - доволно е да слетаат на цветот, да ја соберат храната и да одлетаат.


Ова се нарекува стратегија на генералист - растението не е пребирливо и било кој вид на опрашувач би можел да го разнесува неговиот полен. Цветовите со ваква стратегија „играат на сигурно“ затоа што не зависат само од еден вид на опрашувачи, па ако еден вид исчезне, секогаш може да сметаат на некој друг вид. Но понекогаш ова може да биде проблематично за растението, затоа што опрашувачите може да ги избегнуваат овие цветови доколку во нивна близина има други што нудат подобра храна. Плус, опрашувачите-генералисти се малку трапави, па понекогаш не го пренесуваат поленот како што треба - или затоа што не собрале доволно полен на нивното тело, или пак затоа што преминуваат на цветови од друг вид на растение кое не може да биде оплодено со поленот што веќе го носат.

Цветовите со издолжена корола со нектар на дното, обично привлекуваат опрашувачи кои имаат усти во форма на сурличка. Нектарот што го нудат е многу хранлив, па затоа е убаво скриен, и само специјализирани опрашувачи може да го најдат.


Ова се нарекува специјализирана стратегија - само одредени видови на опрашувачи, кои се способни да го достигнат поленот, се хранат од овие цветови и го разнесуваат нивниот полен. На овој начин, специјализираните цветови не зависат од трапави опрашувачи-генералисти како што се пчелите. Но оваа стратегија си има свои ризици - доколку видот што го опрашува цветот исчезне, што не ретко се случува, растението нема да има како да се размножува.

Растенијата и опрашувачите меѓусебно си помагаат - растенијата им нудат храна на опрашувачите, а тие за возврат им помагаат да се размножуваат со тоа што ги опрашуваат. Ова се нарекува мутуализам - кога два организми взаемно соработуваат. Мутуализмот не се случува затоа што растенијата и опрашувачите се многу фини па сакаат да си помагаат. Напротив, секоја индивидуа во една мутуалистичка интеракција ги искористува услугите што ги нуди некој друг. Така, мутуализмот ќе опстане сè додека и двата организми имаат некаква меѓусебна корист.

За да може што подобро да ги искористат услугите на опрашувачите, некои растенија со текот на времето еволуирале и ја приспособиле формата на королата за одреден вид на опрашувачи, но исто така ја адаптирале бојата, мирисот и храната за ги привлечат овие опрашувачи. Сите овие еволутивни промени на цветот заедно се нарекуваат синдром на опрашување - збир на карактеристики што прават еден цвет да е адаптиран за опрашување од специфичен вид на опрашувачи. Подолу имате неколку примери за синдроми на опрашување од разни инсекти:

Пеперутки
Боја: упадлива, црвена, виолетова
Полен: малку
Нектар: многу, тешко достапен
Цветна форма: со тесно цевче каде се крие поленот
Мирис: слаб, пријатен
Време на цветење: преку ден
Пример: Јоргован

Пчели
Боја: Упадлива, но не црвена (пчелите не можат да видат црвено)
Полен: многу, леплив и со пријатен мирис
Нектар: понекогаш го има но е скриен
Цветна форма: големи, отворени цветови што служат како писта за слетување
Мирис: цветен и пријатен
Време на цветење: преку ден
Пример: маслодајна репка

Ноќни пепертуки
Боја: Бела или бледа (розова, виолетова)
Полен: малку
Нектар: во изобилство, тешко достапен
Цветна форма: со тесно цевче каде се крие поленот или пак со писта за слетување
Мирис: силен, пријатен
Време на цветење: преку ноќ или на самрак
Пример: Podophyllum peltatum

Муви и мушички
Боја: бледа или напротив, многу темна
Полен: средно изобилен
Нектар: нема
Цветна форма: рамна и отворена, или пак како стапица
Мирис: на скапано, непријатен
Време на цветење: преку ден
Пример: Asimina triloba

Некои цветови и опрашувачи не играат чесно и пробуваат да ги искористат своите партнери. Но за ова друг пат.

Сподели го експериментот