
Трета Њутнова лименка
Акција - водата тече. Реакција - лименката се врти.
Материјали

- празна лименка
- остра шајка
- тенок конец
- вода
- возрасен помошник
Експеримент

Овој експеримент мораш да го правиш со помош или со согласност на возрасен. Најдобро е да го правиш надвор или барем над лавабо или када.
Дупни ја лименката со шајката близу до дното. Додека шајката е уште во дупчето, закоси ја на една страна колку што можеш, и потоа извади ја. Ќе добиеш закосено дупче. Направи четири вакви дупчиња околу лименката и внимавај сите да бидат закосени на иста страна.
Заврзи го конецот за малата рачка која служи за отварање на лименката.
Држи ја лименката така што со прстите ќе ги покриеш сите дупчиња. Наполни ја со вода - или замоли го помошникот да ја наполни доколку ја држиш со двете раце. Цврсто држи го конецот и пушти ја лименката.
Што се случува?
Размисли, што прави лименката да се врти? Се разбира, тоа се закосените дупчиња.
Водата тече низ дупчињата и формира млазови. Бидејќи дупчињата се закосени, млазовите не излегуваат право од лименката, туку закосено. Така лименката ги турка млазовите на една страна. А тоа значи дека млазовите ја туркаат лименката на другата страна, и таа се врти сѐ додека тече вода низ дупчињата.
Ова секогаш е така: ако еден предмет дејствува со сила врз друг предмет, и вториот предмет дејствува исто толку силно врз првиот. На пример ако шутнеш топка со ногата, ти дејствуваш со сила на топката и затоа таа ќе се помести, но и топката дејствува со сила на тебе, и таа сила лесно ќе ја почувствуваш ако не носиш чевли.

Продолжи да експериментираш: што ќе се случи ако додадеш дупчиња закосени на истата страна? А на другата страна? А ако земеш поголема лименка? А ако користиш дебел, крут конец? Дали можеш да направиш дупчиња така што лименката нема да се врти?
Трет Њутнов закон
Исак Њутн е англиски научник кој го опишал движењето со три закони. Третиот од законите е законот за акција-рекција:
За секоја акција секогаш постои спротивна по насока еднаква реакција.
Ова значи, на пример, дека ако ти туркаш нешто и тоа нешто те турка тебе со подеднакво голема сила. Кога пливаш, ти со рацете ја туркаш водата наназад, а таа тебе те турка напред. Кога стоиш, ти ја туркаш земјата надоле, а таа те турка нагоре.
Ако надуваш балон, го држиш исправен и го пуштиш без да го врзеш, тој ќе почне да лета. Во овој случај балонот исфрла воздух надоле, a исфрлениот воздух го турка балонот нагоре. Оваа сила, со која исфрлената материја го придвижува телото кое ја исфрлило, се вика потисок. Потисокот се користи и за движење на ракетите: ракетата исфрла издувен гас надоле, а гасот ја турка ракетата нагоре.

Овој воден џет-пек го користи третиот Њутнов закон за да функционира.
На истиот принцип се врти и нашата лименка - турбина. Таа ја исфрла водата во една насока, па водата ја придвижува лименката во другата насока.
Дали ти текнуваат други примери на акција-реакција околу тебе или во вселената?
Како водата истекува од лименката?
Ако набљудуваш внимателно, ќе забележиш дека на почетокот млазот вода е силен и паѓа далеку од лименката, но станува сѐ послаб и тече сѐ поблизу до лименката. Зошто се случува ова?
Водата која е на дното на лименката, на висина на дупчињата, врз себе ја чувствува тежината на целата вода која се наоѓа над неа. Ова прави водата на дното да биде под притисок. Кога лименката е полна, има голема маса на вода која тежи врз водата близу до дното. Затоа водата на дното е под голем притисок и млазот е силен. Кога лименката се празни има помалку вода која тежи врз водата на дното, па водата на дното е под помал притисок и млазот е послаб. При крајот има веќе толку малку вода што слабиот притисок не е доволен за млазот да се “одлепи“ од лименката, па водата тече по работ на лименката.

Прскалка за наводнување
Замисли да можеме да ја поставиме лименката на мал ротирачки цилиндар кој ќе го прицврстиме на црево за вода. Што ќе добиеме? Прскалка за наводнување! Дали знаеш дека на истиот принцип работат и вистинските прскалки за наводнување? Тие немаат мотор кој прави да се вртат, туку исто како лименката исфрлаат закосен млаз на вода, кој што прави прскалката да се врти штом водата ќе почне да тече.

Од Anton — сопствено дело, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=18120755Прскалката исфрла закосен млаз вода и постојано се врти во согласност со третиот Њутнов закон.
Сподели го експериментот